Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (50) добил дозвола да се ожени со својата партнерка Стела Морис во затвор, јави „Би-би-си“. Тие имаат два сина, кои ги добија додека Асанж живееше во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Затворската управа навела дека барањето на Асанж било разгледано на вообичаен начин од затворскиот управник. На затворениците во Велика Британија им е дозволено да се венчаат според законот од 1983 година, а доколку барањето биде одобрено, затвореникот и партнерот ја плаќаат целата цена на венчавката, без државна помош.

Морис и Асанж се познаваат од 2011 година, а идната сопруга на основачот на Викиликс изјавила дека речиси секој ден го посетувала во амбасадата на Еквадор и дека морала многу добро да го запознае Џулијан. Тие двајца се во врска од 2015 година, а се верија две години подоцна.

Австралиецот е во затворот Белмарш од 2019 година, каде што беше донесен од амбасадата на Еквадор во Лондон, откако беше уапсен поради кршење на условите за кауција. Асанж ја чека одлуката на британскиот суд дали ќе биде екстрадиран во САД.