Рускиот новинар Аркадиј Бабченко, чие инсценирано убиство предизвика многу критики, денеска објасни дека целта на „играта со убиството“ била да остане жив, бидејќи постоела закана по неговиот живот.

– Целта ми беше да останам жив и да ја гарантирам безбедноста на моето семејство. Тоа беше мојата прва мисла. Новинарските норми беа последни за кои размислував во тој момент – изјави Бабченко на прес-конференција во Киев.

Новинарот, исто така, рече дека чувствува омраза кон рускиот претседател Владимир Путин.

– Тој човек е одговорен за многу војни и илјадници мртви. Погребав мои блиски, колеги, пријатели, и се уморив од тоа – изјави тој.

Бабченко нагласи дека операцијата на украинските специјални служби била подготвувана еден месец и оти сега сака да изгради нов живот.

По првичното обелоденување на веста дека искусниот репортер и остар критичар на Кремљ е жив и дека било исценирано неговото убиство, се покренаа прашања и скептицизам меѓу новинарите и медиумските организации.

Украинските служби ја оправдаа избраната стратегија, сметајќи дека на тој начин ќе се спречи обид за атентат организиран, според Киев, од страна на руските тајни служби и ќе се открие целиот синџир од извршители до нарачатели.

Шефот на Службата за безбедност на Украина, Васил Грицак, соопшти дека е приведен осомничениот организатор на атентатот, дека неговиот идентитет е утврден, а нарачателите се наоѓаат во Русија. Грицак, исто така, додаде дека организаторот на кривичното дело наредил ликвидирање на 30 лица на територијата на Украина, како што е убиството на Бабченко.