Саудискиот крал Салман денеска изјави дека „апсолутно ја отфрла“ секоја мерка што го негира сирискиот суверенитет над Голанска Висорамнина.

Тој во обраќањето на самитот на Арапска лига, што се одржува во Тунис, го повтори ставот дека Саудиска Арабија поддржува создавање на палестинска држава во Западен Брег и во Појасот Газа, со Источен Ерусалим како главен град.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела потпиша указ со кој се признава суверенитетот на Израел над Голанска Висорамнина.

На овогодишниот самит на АЛ, претставниците на повеќе од 20 држави едногласно ја осудија политиката на администрацијата на Трамп, која ја сметаат за неправедно пристрасна кон Израел.

Израел ја освои Голанска Висорамнина од Сирија за време на шестдневната војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира областа. Во резолуцијата 497 на Советот на безбедност на Обединети нации, донесена по анексијата, Израел се означува како „окупаторска сила“, а обидите на Тел Авив „да ги наметне своите закони, јурисдикција и администрација на окупираната сириска Голанска Висорамнина е безначаен и без меѓународен правен ефект“.

Шестдневната војна позната и како Арапско-израелска војна се водеше помеѓу Израел од една страна и Египет, Јордан и Сирија од страна. На крајот од војната Израел под своја контрола ги стави Појасот Газа, Синајскиот Полуостров, Западен Брег и Голанска Висорамнина.

Силите на ОН го надгледуваат подрачјето долж линијата за прекин на огнот од 1974 година.