Американските власти уапсија 50 лица осомничени во врска со, како што посочија обвинителите, широко распространета шема за лажни бракови, чија цел била да се заобиколат имиграциските закони.

Во обвинението се тврди дека измамите биле извршени на територијата на американската сојузна држава Тексас, а во нив учествувале локални жители и државјани на Виетнам, објави „Глас на Америка“, а пренесува агенцијата „Танјуг“.

Како што е наведено во судските поднесоци, граѓаните на Виетнам, со цел да добијат статус на постојан престој во САД, плаќале меѓу 50.000 и 70.000 американски долари во организација која ја водело лице со име Ешли Џен Најген.

По плаќањето, тие се поврзувале со државјани на САД, кои ги одредувала организацијата а добивале дел од уплатените пари.

Обвинението, покренато минатата недела, вклучува вкупно 96 лица осомничени за измама со склопување лажни бракови, лажење под заклетва и влијание врз сведоци.