Со години, повеќемина измамници од Нигерија и од други земји преку досетливи лаги украле милиони долари од американски бизниси и поединци, префрлајќи ги незаконски стекнатите пари преку сметки обезбедени од двајца здружени нигериски „брокери“, со седиште во Лос Анџелес, пренесува „Гласот на Америка“.

Во подземјето на интернет-измамите, нигериските државјани Валентин Иро и Чуквуди Христогунус Игбокве биле добро познати оператори кои се претставувале со низа псевдоними, како што се „Иро претпријатија“ и „Крис Кудон“.

Во периодот помеѓу 2014 и 2018 година, Иро и Игбокве работејќи со речиси 80 ​​други меѓународни измамници, осмислиле низа шеми кои резултирале со кражба на најмалку шест милиони долари и обид за кражба на преку 40 милиони долари од повеќе жртви во над 10 земји, според федералното обвинение од 252 точки објавено во четвртокот.

Измамниците оштетиле поединци и мали и големи бизниси. Во операциите на бизнисите, тие користеле тактика наречена „компромис за деловна електронска пошта“, позната и како измама на извршен директор. Според таа шема, измамникот добива пристап до компјутерскиот систем на компанијата и потоа претставувајќи се како извршен директор, на истата измамува вработен да изврши неовластен трансфер на банкарска сметка, која ја контролираат измамниците.

Американското Министерството за правда го соопшти обвинението по апсењето на 14 лица, вклучувајќи ги Иро и Игбокве, во четвртокот наутро. Тројца други веќе беа во притвор. Шестмина обвинети остануваат на слобода во САД, додека властите работат со партнери во девет други земји за апсење на 57 други лица, од кои повеќето се верува дека се во Нигерија.

Шеф на Комисијата на Нигеријците во дијаспората, Абике Дабири-Ерева, пак, ги повика „оние обвинети во Нигерија доброволно да се предадат на американските власти за да ја докажат нивната невиност“.