Мексиканските безбедносни сили уапсија локален наркобос вмешан во масакрот врз мормонско семејство од Ла Мора во 2019 година, во кое беа убиени три жени и шест деца. Апсењето на наркобосот им влеа надеж на роднините на жртвите, кои се надеваат дека конечно ќе добијат одговори за тоа зошто се случил нападот, пренесува „Гардијан“. 

Наркобосот Роберто Гонзалес Монтес, познат по прекарот Ел Мудо, или „немиот“, беше приведен во понеделникот во акција спроведена од канцеларијата на федералното обвинителство и припадници на армијата и морнарицата. Во истрагата било вклучено и Федералното истражно биро (ФБИ).  

Роднини на жртрвите го потврдија неговото апсење на Твитер, а се надеваат дека конечно ќе биде фрлена светлина врз вистинската причина зошто мормонското семејство било нападнато.  

Мексиканската влада сугерираше дека возилата на семејството биле нападнати по грешка во борбата за територија и влијание на картелите, што ги разлути жителите на Ла Мора, за кои ваквото објаснување нема смисол.

Жителите на Ла Мора веруваат дека Американците биле цел на картел од соседната сојузна држава Чивава, можеби во знак на одмазда за блискоста на локалната заедница со локалниот картел во Сонора. Масакрот се случи во време кога војната за територија помеѓу картелите била засилена.

Адријан ЛеБарон, чија ќерка и внуци беа убиени во нападот, го идентификувал Гонзалес како лидер на Ла Лине, огранок кој се смета за вооружено крило на картелот Хуарез, обвинето за рекети со изнуда во регионот. Покрај Ел Мудо, приведени биле и двајца други членови на картелот. Дел од семејството на жртвите има двојно државјанство, статус кој им дозволува можност да зборуваат отворено против организираниот криминал во Мексико.

– Официјално, ни беше кажано дека двата картели се бореле за територијата, а моето семејство се нашло на погрешно место во погрешно време. Се надеваме дека на крајот ќе имаме одговори на сите наши прашања. Ни рекоа дека над 100 луѓе учествувале во масакрот, а оние кои ја водат истрагата ги гонат сите нив. Но, една работа е да се фатат овие наркодилери, а сосема друга да им се суди и да бидат ставени во затвор. Тоа речиси никогаш не се случува – рече Џулијан ЛеБарон, член на семејството.

Заедницата Ла Мора беше основана во 50-те години на минатиот век во рамки на движењето на мормоните кои се оттргнаа од матичната црква во 19-тиот век. Со децении тие беа отсечени од САД и остатокот на Мексико, и коегзистираа мирно со најмоќниот наркокартел во регионот. Но наспроти идилата, жителите ја препознаваа стратешката важност на територијата за шверцерите на дрога, која се наоѓа на необезбедениот пат што води кон американската граница. 

Масакрот ги шокираше Мексико и САД, а убиството на жените и децата ја урна илузијата дека само криминалците се жртви на насилството на наркокартелите.