Повеќе државни институции на Еквадор биле цел на над 40 милиони сајбер-напади по апсењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, во еквадорската амбасада во Лондон. Асанж беше уапсен откако Еквадор му го укина политичкиот азил по речиси седум години, во текот на кои тој беше затворен во амбасадата во Лондон.

Заменик-министерот за телекомуникации на Еквадор Патрисио Реал изјави дека од минатата недела кога Асанж беше извлечен од еквадорската амбасада, страниците на претседателството, Централната банка и еквадорското МНР, меѓу другите, се нашле на удар на 40 милиони обиди за хакерски упади. Реал не посочи ниедна конкретна група за хакерските напади бидејќи е исклучително тешко да се идентификуваат потенцијалните напаѓачи. Меѓутоа, еквадорскиот министер порача дека хакерскиот колектив Анонимус ја објави заканата.

– При обидите за упад не се украдени податоци, но отежнат е пристапот до страниците за работниците и граѓаните на Еквадор. Еквадор ќе добие помош за безбедноста на интернет од Израел – истакна Реал.