Берлинската полиција претресе повеќе од 100 станови и златарници поради сомнение дека би можеле да бидат поврзани со обиди да се препродаде масивен канадски златник.

Се работи за златник од 100 килограми, кој е украден во 2017 година од музеј во германската престолнина. Златникот, чија вредност се проценува на 3,75 милиони евра, е украден од берлинскиот музеј „Боде“ во 2017 година и уште не е пронајден.

Рациите утринава биле насочени кон осуммина осомничени на возраст меѓу 14 и 51 година од различна националност, соопшти полицијата.

За нив се вели дека се дел од прстен што добива украдено злато за да го стопи и да искова фалсификувани колекционерски монети, а потоа ги продава како оригинали во златарниците што, пак, ги водат членови на групата или нивни роднини.

Некои од фалсификатите веќе кружат, соопшти полицијата, која додава дека пребарувањата довеле до откривање фалсификувани монети, фалсификувани алатки и петцифрена количина готовина.

– Процената на доказите е во тек. Меѓу другото, се испитува и можна поврзаност со кражба на голем златник од музејот ‘Бода’ – изјави полицијата.