Апсењето на Мајкл Ковриг поттикна сомнежи за кинеска одмазда кон Канада

Притворањето на поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг во Кина, уследи по неодамнешното апсење на директорката на „Хуавеи“ Менг Ванжу во Канада, на барање на САД, со што поттикна сомнежи за можна кинеска одмазда, пренесува британски „Гардијан“.

– Запознаени сме со ситуацијата на Канаѓанецот притворен во Кина – истакна канадскиот премиер Џастин Трудо, по изразената загриженост од страна на невладината организација Интернационална кризна група (ИКГ), која побара ослободување на Ковриг, кој е нејзин вработен.

Не е јасно дали случаите се поврзани, но апсењето на Менг во Ванкувер на 1 декември, создаде загриженост за можна одмазда кон странската бизнис-заедница во Кина. Канадскиот министер за јавна безбедност Ралф Гудејл истакна дека „моментно не постои јасна индикација“ оти притворот за Ковриг е поврзан со апсењето на Менг. Веста за притворањето на Канаѓанецот стигна неколку часа пред закажаното сослушување во судот во Ванкувер, пред кој требаше да биде изведена Кинеската.

Загриженост поради случајот изрази и американскиот Стејт департмент, барајќи од Кина да ги почитува слободите и човековите права на сите индивидуи.

Менг Ванжу беше уапсена во Ванкувер на 1 декември

Точната причина за притворот на Ковриг првично не беше соопштена, но Министерството за надворешни работи на Кина порача дека Канаѓанецот можеби ги прекришил кинеските закони за невладините организации, доколку извршувал активности за ИКГ без нејзина регистрација во Кина.

Ковриг, кој го познава мандаринскиот јазик, е вработен како експерт во ИКГ од февруари минатата година. Тој беше канадски дипломат со престој во Хонгконг и во Пекинг помеѓу 2003 и 2006 година.