Емануел Макрон сакаше да им докаже на незадоволните Французи дека тој не е арогантен „претседател на богатите“, како и дека ги разбира проблемите на народот кој се мачи да врзе крај со крај, во најважното обраќање на неговиот претседателски мандат во понеделникот. Но, неговиот избор да го одржи говорот во една од златните соби во раскошната Елисејска палата, не беше според очекувањата на „жолтите елеци“, пишува британски „Гардијан“.

Претседателската резиденција со 365 соби (двојно поголема од Белата куќа) за чие одржување се издвојуваат 104 милиони долари годишно, претставува објект кон кој е насочено незадоволството на демонстрантите. Дополнителен гнев предизвикала одлуката на Макрон да декорира неколку простории во палатата, вклучувајќи ја главната соба за прием, каде што новите теписи ќе чинат 300 илјади евра. 

Згора, Макрон одлучи да ги соопшти мерките насочени кон смирување на „жолтите елеци“ говорејќи од претседателскиот кабинет, познат и како „златниот салон“. Тој седеше зад големо биро, користено од сите претходни претседатели уште од Шарл де Гол, кое претставува најскапото парче мебел во Елисејската палата. На работ од бирото има златен петел, кој претставува симбол на Франција, додека на масата стоеја две златни лампи и три внимателно поставени антикварни книги. Во позадина се забележуваат и златните врати пред кои се наоѓаат знамињата на Франција и на ЕУ. 

– Тој не живее во вистинскиот свет – претставуваат често повторувани зборови на протестите.

Останува да се види дали 13-минутното обраќање на Макрон од Елисејката палата, кое го следеа 23 милиони гледачи (приближно ист број колку што ја следеа и победата на Франција во финалето на изминатото Светско првенство во фудбал) ќе го смени мислењето на незадоволните Французи.