Рејтингот на претседателските кандидати зависи од состојбата со коронавирусот во земјата

Во пресрет на закажаните претседателски избори во САД во ноември, анкетите во земјата говорат дека поголемиот дел од американското население не се согласува со политиката што ја води актуелниот претседател Доналд Трамп. Сепак, повеќето анализи во предизборието во земјата говорат дека засега, и покрај сѐ, ова ќе биде неизвесната претседателска трка, а победник може да биде оној што најдобро ќе се справи со пандемијата

На помалку од сто дена од претседателската трка за Белата куќа

На нешто помалку од 100 дена пред закажаните претседателски избори во ноември, мнозинство од Американците сметаат дека Соединетите Американски Држави одат во погрешна насока во споредба со кое било време за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп. Ова меѓу другото се наведува во резултатите од најновата анкета на новинската агенција „Асошиејтед прес“ и Центарот за истражување и прашања од јавен интерес (НОРЦ).
Како што објави новинската агенција АП, според анкетата, речиси 60 проценти од Американците не ја одобруваат неговата работа како претседател, а само 38 отсто се оптимисти. Анализата покажува дека претседателот Трамп најдобра оцена од јавноста добива за начинот на кој раководи со економијата, при што тој во анкетите доби поддршка од 51 процент од испитаниците.

Наспроти тоа, испитаниците не ја одобруваат политиката на Трамп за имиграцијата и за здравствената заштита. Единствено 38 проценти од анкетираните се согласуваат со политиката на претседателот за имигрантите, додека 36 отсто од Американците го одобруваат неговото дејствување во областа на здравствената заштита.
Иако граѓаните имаат претежно песимистички оцени за надворешната политика, при што Трамп има поддршка од само 36 проценти, Американците се пооптимистички за политиката кон Северна Кореја, каде што претседателот за овој проблем на земјата има поддршка од 47 отсто од испитаниците, покажуваат резултатите од анкетата.
– На Доналд Трамп не му се пишува добро – државата е тешко погодена од пандемијата на коронавирусот, сѐ повеќе луѓе се заразени, а мртовечниците се преполни. Па сепак, претседателот и натаму инсистира дека тој за тоа нема никаква одговорност, па уште и им сугерира на граѓаните да си инјектираат дезинфекциски средства и се шегува со идејата за носење маски во јавност. Таквото однесување не само што ги налути неговите ривали туку почна да му паѓа поддршката и во Републиканската партија – пишува германски „Дојче веле“ на истата тема. Медиумот додава дека со секое натамошно влошување на состојбата со ковид-19, расте рејтингот на неговиот главен ривал – демократот Џо Бајден. Неговата предност, според анкетите, засега е двоцифрена.

Во меѓувреме една третина од Американците изјавија дека го одобруваат учеството на Трамп во истрагата на Роберт Малер за руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година.
Во анкетата на АП и НОРЦ исто така стои дека начинот на кој претседателот се бори против коронавирусот го поддржуваат само 32 отсто од Американците, пренесува „Гласот на Америка“, додавајќи дека неговиот став кон економијата, неговиот личен печат во мандатот, има намалена поддршка во последните неколку месеци.
Дури и ако се обиде да се фокусира на трката против најверојатниот противник од редовите на демократската партија Џо Бајден, на разни културни теми и пораки за „законот и редот“, шансите на Трамп за реизбор ќе бидат тесно поврзани со тоа како ќе се бори против пандемијата и дали гласачите ќе веруваат дека земјата ќе се врати во нормала под негово водство, додава „Гласот на Америка“.

Анкетата на АП и на НОРЦ исто така покажува дека осум од десет Американци веруваат дека земјата оди во погрешна насока, што е повеќе отколку кога Трамп ја презеде функцијата. Истражувањето додава дека околу 38 проценти од Американците го поддржуваат начинот на кој работи претседателот, што во споредба со минатото претставува пад во неговиот рејтинг по почетокот на пандемијата.
Интересно е што актуелниот претседател Трамп сепак има поддршка од мнозинството од републиканците каде што речиси 81 процент го поддржуваат актуелниот претседател, додека 68 проценти од нив исто така мислат дека тој одлично се справува со пандемијата.