Ако во Велика Британија сега се одржи уште еден референдум за членство на земјата во Европската унија, евроскептиците можеби нема да го повторат нивниот успех, јави ДПА повикувајќи се на анкета чии резултати се објавени денеска.

Секој втор Британец, односно 51 отсто, сега би гласале да останат во Унијата, покажа анкета која била спроведена по нарачка на Европскиот парламент.

Вкупно 34 проценти од анкетираните изјавиле дека повторно би избрале Брегзит, додека 11 отсто се неопределени.

Велика Британија гласаше за излез од ЕУ со мнозинство од 52 отсто на референдум во 2016 година.

Запрашани дали направиле правилен избор на референдумот во 2016, 54 отсто од анкетираните одговориле не, а 38 одговориле да.

Податоците се објавени додека европските лидери се подготвуваат да се сретнат на важен самит во Брисел. Сепак, разговорите меѓу Лондон и ЕУ се чини дека повторно се во ќорсокак поради проблематичното прашање со ирската граница. Времето истекува, со оглед на тоа што договорот треба да биде ратификуван од двете страни пред Велика Британија да ја напушти ЕУ на 29 март следната година.

Што се однесува до останатите земји членки на ЕУ, 66 отсто од граѓаните изјавиле дека би гласале за останување во ЕУ, а само 17 отсто би одбрале да ја напуштат доколку во нивните држави се одржи таков референдум.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од анкетата произлегува дека 68 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека нивната земја има корист од членството во Унијата, што е највисоката стапка во последните 25 години.

Во анкетата се заклучува дека по референдумот во Обединетото Кралство во 2016 година, речиси сите резултати од испитувањата на јавното мислење покажуваат значајно зголемување на поддршката од страна на граѓаните за членство на нивните држави на ЕУ, што укажува дека постои зголемена загриженост за последиците од Брегзитот ширум континентот, но и дека расте свеста за бенефитите од членството во Унијата.