Турската влада ги повлече своите амбасадори од Вашингтон и Тел Авив ’на консултации’ и прогласи тридневна жалост поради загинатите над 50 Палестинци на границата меѓу Израел и Газа.

Анкара го осуди „масакрот“ врз Палестинците што го изведоа израелските безбедносни сили и наведе дека „регионалниот и глобалниот мир и стабилност нема да постојат сė додека не се постигне трајно правично решение на палестинското прашање“, пренесува Спутник.

Најмалку 52-ца Палестинци се убиени, а околу две илјади се повредени вчера кај граничната линија меѓу Израел и Појасот Газа, соопштија локални извори. Илјадници Палестинци вчера се собраа по границата на палестинските територии со Израел, за да протестираат против преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Протестите се претворија во судири, во кои израелските војници употребија огнено оружје.