Американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон, предупреди дека Русија мора да престане со развој на нови ракети што можат да носат нуклеарни боеви глави. Хачинсон се закани дека САД може да ги отстранат руските системи доколку тие станат оперативни, пренесуваат светските медиуми.
– Време е Русија да седне на зелената маса – порача американската амбасадорка, обвинувајќи ги руските власти дека со својот ракетен систем 9М729 го кршат договорот од 1987 година со кој двете тогашни суперсили го ограничија развојот на нуклеарно оружје.

Договорот забранува развој на крстосувачки ракети што се лансираат од копно и имаат дострел поголем од 500 километри. За новиот руски проектил се проценува дека може да има дострел од 500 дури до 5.500 километри.
Со реакција се јави и официјална Москва, која ја оцени изјавата на Хачинсон како опасна.
– По сѐ изгледа дека луѓето што изнесуваат такви изјави не го разбираат нивото на нивна одговорност и опасноста што ја носи агресивната реторика – истакна Марија Захарова, портпаролката на руското МНР.