Јужнокорејскиот лидер Мун одржа говор пред десетици илјади Севернокорејци, на кој зборуваше за денуклеаризација и за повторно обединување на полуостровот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД се подготвени да ги обноват преговорите со Северна Кореја, чија цел би била нејзина денуклеаризација до 2021 година.

Преговорите меѓу двете земји заглавија по историската средба во јуни меѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун. Но Вашингтон смета дека на самитот меѓу лидерите на Северна и на Јужна Кореја неделава во Пјонгјанг е направен напредок во процесот на денуклеаризација, бидејќи Севернокорејците се согласија да затворат еден од главните полигони за тестирање нуклеарно оружје.

Јужнокорејскиот претседател, Мун Јае-ин, кој во Пјонгјанг првпат одржа говор пред десетици илјади Севернокорејци, рече дека Ким Јонг-ун сака да се постигне „брза денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров, како и нова посета од американскиот државен секретар. Помпео посочи дека токму врз основа на позитивните резултати од самитот во Пјонгјанг, САД се подготвени веднаш да ги продолжат преговорите со Севернокорејците. Инаку, двете страни велат дека работат на организирање втор самит меѓу Трамп и Ким.

На друг фронт, САД изразија подготвеност да склучат нов договор за нуклеарната програма за Иран, со кој би биле опфатени и неговата програма за балистички ракети, како и неговите регионални активности. Техеран досега одбиваше преговори со Вашингтон откако Трамп годинава реши да ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма, што беше постигнат во 2015 година. Државниот секретар на САД, Помпео, во мај изнесе низа барања за склучување нов договор, меѓу кои и ослободување на Американците затворени во Иран, укинување на нуклеарната и на ракетната програма на Иран, како и повлекување на иранските војници и средства од конфликтите во Сирија и во Јемен. Трамп наредната недела ќе претседава со седницата за Иран за време на средбите во Генералното собрание во ОН, а претходно изрази подготвеност да се сретне со лидерите на Иран, што само ги засилува шпекулациите дека е можна средба меѓу двете страни во наредните денови, посочува Ројтерс.