Американскиот претседател Џо Бајден побара да се донесе брза законска регулатива во врска со пристапот и задолжителната проверка при купувањето оружје, по двата оружени напада во Колорадо и во Џорџија кои се случија за помалку од една недела, пренесуваат светските медиуми. Во оружен напад во супермаркет во Болдер, Колорадо, беа убиени 10 лица, додека во пукање во Атланта, Џорџија, животот го загубија осум жени.

Бајден го повика Конгресот да ги затвори дупките во системот за проверка при купување оружје и уште еднаш апелираше да се забрани лесниот пристапот до оружје. Бајден повика да се изгласаат двата предлог-закони за проверка при купување оружје што беа одобрени од Претставничкиот дом.

– Да не чекаме ниту една минута повеќе за да одлучиме да преземеме нешто што ќе спаси човечки животи во иднина. Ова не треба да биде само партиска одлука, туку  одлука на сите Американци – изјави Бајден.

Непознато е дали предлог-законите ќе поминат во поделениот Сенат, знаејќи го генералниот став на Републиканците во врска со рестрикциите за пристап до оружје.

– Сега е моментот да го изнесеме нашиот став – објави на Твитер сенаторот Крис Марфи од Конектикат, каде оружен напаѓач уби 26 лица во основно училиште во 2012 година.

Продажбата на оружје се зголеми за време на пандемијата, што доведе до страв дека по олеснување на мерките, САД повторно ќе се соочат масовните убиства во оружени напади.

– Се соочивме со ужасна година. Конечно почнавме да се враќаме во нормала, и за жал, се потсетивме дела дел од неа се и оружените напади – изјави демократот Стивен Фенберг од Колорадо.

Судскиот комитет на Сенатот вчера одржа сослушување за „уставни и разумни чекори за намалување на насилството предизвикано од оружје“.

– За да спасиме животи и да ставиме крај на ваквите бесмислени убиства, потребно ни е повеќе од молитва. Потребна ни е федерална акција за безбедност на оружје донесена од Сенатот, и таа е потребна веднаш. Тоа започнува со ова сослушување, и не смееме да одмориме ниту момент сѐ додека задолжителните проверки при купувањето оружје не влезат во законот – рече Џон Фајнблат, претседател на „Секој град за безбедност од оружје“.