Дерек Шовен доби затворска казна од 22 и пол години

Поранешниот полицаец Дерек Шовен беше осуден на затворска казна од 22 и пол години поради убиството на Џорџ Флојд во мај минатата година, што е редок ваков случај во американското правосудство, но одговорноста на полицијата и функционирањето на полицискиот систем во САД остануваат нерешени прашања, пишува магазинот „Тајм“.

– Молев за правда за мојот брат, за некаква одговорност – кажа Филонис Флојд, братот на жртвата, на прес-конференција по изрекувањето на пресудата во Минеаполис.

Додека пресудата претставува редок пример за казна, односно за најстрога можна дисциплинска мерка за еден полицаец, таа не прави ништо за справување со постоечките полициски системи низ државата, кои не се воспоставени за спречување на проблемите, се вели во анализата на амерканскиот магазин.

Отсуството на дисциплина, проблем низ повеќе полициски оддели ширум САД придонесува за култура во која полицајците веруваат дека нивните несоодветни постапки ќе бидат толерирани, смета американскиот универзитетски професор по кривично право Семјуел Вокер.

– Уште колкумина Шовени сѐ уште работат? Нема шанси дека тој е единствениот. И ако не се обидеме да го решиме ова прашање, сите ќе бидеме во големи проблеми. Само прашање на време е кога ова ќе се повтори – категорична е Абигејл Сера која волонтира во градската комисија за надзор на работата на полицијата во Минеаполис.