Американските преговарачи се обидуваат да добијат уверувања од талибанците оти тие нема да ја нападнат амбасадата на САД во Кабул ако екстремистичката група ја собори авганистанската влада, пишува „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на изјавите на официјални лица.

Напорите предводени од Залмај Хализад, главниот американски претставник во преговорите со талибанците, имаат цел да избегнат потполна евакуација на амбасадата додека екстремистите брзо заземаат територија.

Стејт департментот вчера соопшти дека ќе евакуира одреден број од 1.400-те Американци стационирани во амбасадата во Кабул. Амбасадата апелираше до Американците кои не работат за владата на САД веднаш да го напуштат Авганистан со комерцијални летови. Маршот на талибанците ги стави странските амбасади на штрек, поради очекуваното насилство, додека повеќе дипломатски претставништва веќе се затворени.

Американските дипломати сега се обидуваат да одредат кога точно ќе треба потполно да ја евакуираат амбасадата, ако талибанците продолжат со походот.

– Дозволете ми да бидам јасен – амбасадата останува отворена. И планираме да продолжиме со дипломатските активности во Авганистан – кажа портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, додавајќи дека маршот на талибанците кој води кон зголемено насилство и нестабилност низ Авганистан, претставува „голема грижа“.

Хализад се надева дека ќе ги убеди лидерите на талибанците дека амбасадата мора да остане отворена и безбедна, ако групата воопшто се надева да добие американска помош во рамки на идната авганистанска влада. Талибанското водство наведе дека сака да биде сметано за легитимен управител на државата, како и дека ќе бара воспоставување на односи и со другите светски сили, вклучувајќи ги Русија и Кина, со цел да добие економска помош.