Наредена е итна евакуација на преку еден милион луѓе

Повеќе сојузни држави во САД упатија повик за евакуација на жителите, подготвувајќи се за потенцијално катастрофалното невреме со доближувањето на ураганот Флоренс до источниот брег, пренесува „Вашингтон пост“.

Властите во Северна и во Јужна Каролина, како и во Вирџинија, вчера издадоа наредба за итна евакуација на повеќе од 1,25 милиони луѓе. Се очекува Флоренс да пристигне до копно неделава, па властите предупредуваат за неговиот уништувачки потенцијал, и покрај тоа што не е позната точната локација каде што ураганот ќе удри.

– Ова е многу опасен ураган. Не сакаме да се коцкаме со животите на луѓето во Јужна Каролина, со ниту еден живот – истакна гувернерот Хенри Мекмастер.

Во Јужна Каролина се затворени училиштата и другите јавни установи, кои ќе треба да послужат како скривници во текот на невремето.  Во Мериленд и во Вирџинија е прогласена вонредна состојба. A во Вирџинија е активиран и полниот капацитет на националната гарда од 6.000 припадници.

– Се подготвуваме за потенцијално катастрофални и опасни по живот поплави во Мериленд. Се надеваме на најдоброто, но се подготвуваме за најлошото – кажа гувернерот на оваа сојузна држава Лери Хоган.

Надлежните институции предупредуваат дека невремето брзо се засилува над Атлантскиот Океан, со што ветриштата достигнаа брзина од 210 километри на час. Станува збор за ураган од четврта категорија, кој се очекува дополнително да се засили.