Десетици американски воени транспортни авиони се очекува да слетаат на Меѓународниот аеродром во Кабул, бидејќи околу 20.000 луѓе се останати во внатрешноста на аеродромот и чекаат евакуација, изјави анонимен извор за ситуацијата за „Си-eн-eн“.

Дури 33 авиони на воздухопловните сили Ц-17 се упатија кон меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град на Авганистан, изјавил изворот.

Секој од големите авиони со четири мотори има способност да земе 400 патници од Кабул, што би требало да направи пристојно намалување на бројката од 20.000 луѓе на аеродромот кои се обидуваат да излезат од Авганистан откако талибанците ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата, пренесуваат медиумите во светот.

Но, изворот исто така кажал дека Вашингтон ја менува својата политика за тоа кој ќе биде примен на аеродромот, и од денеска, само на американските државјани и носителите на зелена карта и државјаните на земјите од НАТО ќе им биде дозволено да поминат преку аеродромските порти, пишуваат агенциите.

Истиот извор додал дека талибанците помагаат во проверката на кандидатите кои сакаат да влезат на аеродромот, проверувајќи ја нивната документација. Подобни граѓани на САД или НАТО можат да донесат само членови на потесното семејство, како сопружници и деца, во базата.

Дури и со новите ограничувања, илјадници Авганистанци, главно воени лица без „никакви документи“, останаа на аеродромот, рече изворот.

И покрај летовите од САД и партнерските земји, кои од 14 август пренесоа повеќе од 30.000 луѓе од аеродромот во Кабул, претставници на Белата куќа рекоа дека аеродромот се уште е полн со луѓе кои се обидуваат да влезат.

Крајниот рок за евакуација е 31 август, и иако некои странски официјални лица бараат продолжување, талибанците јасно ставија до знаење дека нема да се согласат со тоа, пишуваат агенциите.

„Ако САД или Обединетото Кралство бараат дополнително време за продолжување на евакуацијата, одговорот е не. Или ќе има последици “, рече Сухаил Шахин, член на талибанската делегација во Доха, главниот град на Катар.

„Тоа е црвена линија. Американскиот претседател Бајден објави дека сите нивни воени сили ќе се повлечат на 31 август. Значи, ако се продолжи рокот, тоа значи дека е продолжена окупацијата, иако тоа не е потребно “, рече тој.

„Тоа ќе создаде недоверба меѓу нас. Ако имаат намера да ја продолжат окупацијата, тоа ќе предизвика реакција“, изјавил Шахин.