Весникот „Ал Арабија“ наведува дека саудиските власти веќе дискутирале за 30 потенцијални мерки што може значително да ја погодат американската економија. Па, така, во случај на американски санкции, цената на нафтата на светските пазари може да се искачи и до 200 долари за барел, што ќе биде катастрофално за целиот свет, а не само за САД

Дипломатскиот спор помеѓу САД и Саудиска Арабија за исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги може да има несогледливи последици врз светската економија. Ријад се закани дека ќе одговори во случај на воведување американски санкции. Весникот „Ал Арабија“ наведува дека саудиските власти веќе дискутирале за 30 потенцијални мерки што може значително да ја погодат американската економија. Па, така, во случај на американски санкции, цената на нафтата на светските пазари може да се искачи и до 200 долари за барел, што ќе биде катастрофално за целиот свет, а не само за САД. Сепак, мали се изгледите за целосна ескалација во односите меѓу двете земји, ако се земат предвид големата економска зависност помеѓу Ријад и Вашингтон и значењето на американската воена и геополитичка поддршка за позицијата на Саудиска Арабија.

„Ал Арабија“ потсетува дека евентуалните американски санкции ќе ја оневозможат Саудиска Арабија да се обврзе да произведува 7,5 милиони барели нафта. Па, така, ако цената од 80 долари за барел веќе го разгневи американскиот претседател Доналд Трамп, никој не може да ја исклучи можноста таа да се искачи на сто или двесте долари. Покрај тоа, цената на барел нафта би можела да се изрази во друга валута, како што е кинескиот јуан. Сето ова се заканува да ги турне Блискиот Исток и целиот муслимански свет во рацете на Иран, кој ќе стане поблизок до Ријад отколку Вашингтон.

Но кога станува збор за Саудиска Арабија, не е во прашање само нафтата. Земјата е лидер во муслиманскиот свет со својата позиција и геополитичко влијание. Не треба да се заборави за исклучително важната размена на информации помеѓу Ријад и Америка и западните земји, која досега придонесе за заштита на милиони животи на Западот, како што сведочат и самите високи западни функционери.

Исто така, воведувањето какви било санкции против Саудиска Арабија од Западот ќе го принуди кралството да размислува и за други опции, како што и самиот Трамп неодамна предупреди, а Русија и Кина се подготвени да ги исполнат воените потреби на Ријад. Во краен случај, според весникот „Ал Арабија“, ако продолжи ескалацијата на спорот, проследена со санкции, нема да биде воопшто чудно Ријад да престане да купува оружје од САД. Саудиска Арабија е најважниот купувач за американските компании, бидејќи земјата купува речиси десет отсто од вкупното количество оружје што го произведуваат овие американски компании.

Сепак, колкави се изгледите за развој на настаните во таа насока? Американски „Стратфор“ оценува дека скандалот „Кашоги“ нема да предизвика големо нарушување во односите помеѓу САД и Саудиска Арабија поради нивните длабоки и стари врски.
– Во прашање со многу работи. На САД им е потребна Саудиска Арабија за балансирање на пазарот со нафта, борбата против Иран и тероризмот, како и купувањето оружје. Од друга страна, на Саудиска Арабија ѝ се потребни американското оружје и соработката во одбраната, пристапот до американска технологија и инвестиции, како и американската заштита од засилениот Техеран. Сето тоа значи дека геополитичките врски што ги спојуваат Ријад и Вашингтон најверојатно ќе останат цврсти. Не треба да се заборави дека американско-саудиското сојузништво е основен столб за стратегиската ситуација на Блискиот Исток. И двете земји во фокусот го имаат Иран, а и двете работат заедно за осигурување на безбедноста и стабилноста на светските пазари на нафта – наведува „Стратфор“.

Последниот збор ќе го има американскиот Конгрес, кој ќе одлучува за евентуални санкции доколку се појават непобитни докази дека саудиската држава го организирала убиството на дисидентскиот новинар. Саудиска Арабија би можела да се одлучи за помалку опасен чекор и внатрешно да го реши скандалот. Ријад би можел да ја префрли вината на некои симболични лица и потенцијално, во согласност со преговорите со САД, да му дозволи на Вашингтон да санкционира релативно не толку важни луѓе во земјата. Не е исклучена и можноста за делумно повлекување од јавноста и на самиот саудиски принц Бин Салман, заклучува „Стратфор“.
Од друга страна, американската администрација во вторникот застана во одбрана на Саудиска Арабија наспроти сѐ поголемиот број критики и покажа поддршка за принцот, кој се поврзува со исчезнувањето и најверојатното убиство на Кашоги во саудискиот конзулат во Турција. Истовремено, Саудиска Арабија се согласи да донира сто милиони долари за планот на САД за сириските области што беа ослободени од Исламска држава.