Руски воен авион „су-27“ пресретна американски шпионски авион „П-8А посејдон“ над Црно Море, кој, како што се наведува во извештаите на медиумите, ги „надгледувал“ руските јужни граници. Според руските медиуми, ова е третпат за речиси една недела руски „сухои“ да пресретнуваат американски шпионски авиони. Радарот го открил леталото завчера во неутралните води на Црно Море, а потоа го пресретнал воениот авион „су-27“, чиј пилот од безбедна оддалеченост потврдил дека станува збор за споменатиот американски авион, соопшти руското министерство за одбрана.
– Нарушување на воздушниот простор не е дозволено, се додава во соопштението на руското министерство. Веднаш потоа, „П-8А посејдон“ го сменил курсот и почнал да се оддалечува од руската граница, а „су-27“ се вратил во базата.