Првиот човек на американските разузнавачки служби Ден Коутс предупреди дека заканата од сајбер-напади врз САД е сѐ поголема и оти црвената тревога повторно се вклучува, речиси две децении по нападите на 11 септември 2001 година.
– Русија, Кина, Иран и Северна Кореја секојдневно напаѓаат компјутери во федерални, државни или локални владини агенции, корпорации и академски институции – порача Коутс.

Коутс истакна дека од овие четири земји, Русија е „најагресивен фактор“. Американското министерство за правда објави ново обвинение против 12 Руси што хакирале компјутери на демократи и кандидатката Хилари Клинтон и на тој начин наводно се мешале во претседателските избори во САД пред две години.
Според Коутс, постои зголемена опасност од сајбер-напади од страна на странски држави што можат да ја уништат критичната американска инфраструктура. Сајбер-нападите ги поврза со „алармантните активности“ што американските разузнавачки агенции ги откриле пред нападите на Ал каеда на 11 септември 2001 година.

– Црвените светла се вклучуваат. По две децении, велам дека црвените светла повторно се вклучуваат – додаде Коутс.
Тој истакна дека Владата на САД сѐ уште не открила нови руски напади врз избирачките места и базите на податоци на избирачите, како оние пред изборите во 2016 година.
– Сепак, јасно ни е дека сме оддалечени само еден клик од слична ситуација – предупреди Коутс.