Фармери во Велика Британија и САД веќе некое време примаат чудни пакувања со семиња од Кина во пошта што не ја нарачале, пишува британски „Метро“. Не е целосно јасно зошто луѓето ги примаат, но во САД е издадено предупредување поради семето.

Несаканите пакувања често имаат натпис на кинески јазик во кој се наведува дека внатре има накит, најверојатно за да се избегнат проверки на биосигурност или дополнителни трошоци.

Иако повеќето пакувања пристигнуваат во САД, од кои 630 на Флорида, луѓето во Англија исто така започнаа да примаат слични пратки.

Министерството за земјоделство на САД издаде изјава во која се вели дека се свесни дека луѓето низ целата земја примаат несакани пакувања семе од Кина. Тие исто така велат дека работат со Министерството за внатрешна безбедност, царината и други федерални агенции за да дознаат за што станува збор.

Министерството за земјоделство смета дека може да биде еден вид измама што ја користат разни компании на интернет кога сакаат да го подобрат рекламирањето на своите производи. Тие им испраќаат на луѓето несакани пакети со своите производи за да можат да остават позитивен коментар на нивната страница.

Министерството за земјоделство открило дека меѓу семето што го добиле американските граѓани се нане, зелка, рузмарин, лаванда, хибискус и роза. Тие исто така ги предупредија луѓето што ќе добијат семиња, да не ги садат, туку да ги пријавуваат.