Затвореник што работел во фабрика за свеќи во Кентаки, за време на торнадото што погоди делови од САД, ги искористил околностите на овој катастрофален настан и побегнал, пишуваат медиумите.

Франциско Старкс (44) издржувал дел од казната во фабрика за свеќи кога зградата била погодена и урната од торнадото. Затвореникот ја преживеал несреќата и бил пренесен на лекување во блиската болница. Но, кога излегол од болницата, побегнал и сега полицијата го бара.

Старкс е осуден на затвор за кражба, кражба на автомобил и поседување украден имот, пишуваат американските гласила.

Смртоносните торнада што зафатија шест американски сојузни држави од петокот до саботата го опустошија и градот Мејфилд. Смртта на 64 лица во Кентаки по разорното торнадо денеска е официјално потврдена, а властите предупредуваат дека бројот на жртвите, најверојатно, ќе биде уште поголем.