Училиштата во САД се соочуваат со недостиг на лаптопи и опрема на учење на далечина, а за новите нарачки е потребно да се чека и по неколку месеци, открива истражувањето на „Асошиејтед Прес“.

Трите најголеми компјутерски компании во светот, „Леново“, „ХаПе“ и „Дел“, ги информирале училишта дека имаат недостиг од речиси пет милиони лаптопи. Влошувањето на состојбата е резултат и на воведените санкции на администрацијата на Доналд Трамп врз кинеските добавувачи, се дознава по интервјуата со над дваесетина американски училишта во 15 држави, добавувачи, компјутерски компании и индустрија аналитичари.

Бидејќи учебната година на многу места започнува со онлајн настава поради коронавирусот, наставниците на национално ниво се загрижени дека недостигот на компјутери ќе ги зголеми нееднаквостите и ќе создаде проблеми за учениците, семејствата и за наставниците.

– Ова ќе биде како да се бара од уметник да наслика слика без бои. Не може дете да учи на далечина без да има компјутер  – објаснува Том Баумгартен, началник на училишен округ Моронго, во пустината Мохаве во Калифорнија, каде што сите 8.000 ученици се пријавиле за бесплатен оброк, а на повеќето им требаат компјутери за учење н далечина.

Баумгартен за „Асошиејтед прес“ објаснува дека во јули нарачал 5.000 лаптопи од „Леново“. Но неговиот продавач му ја откажал нарачката и му објаснил дека производството на „Леново“ е „запрено поради владината забрана за увоз на комјутерски компоненти од Кина. Тој се префрлил на „ХаПе“ од каде му било кажано дека лаптопите ќе пристигнат навреме за првиот ден на училиште 26 август. Потоа следело одлагање на испораката за септември, па уште едно одлагање за октомври. Во областа има околу 4.000 стари лаптопи што можат да ги задоволат потребите на приближно половина од учениците, но што е со останатите, реторички прашува Баумгартен.

– Многу сум загрижен дека нема да можам да обезбедам компјутер за секој ученик – вели тој.