Американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, ја потврди смртта на Хамза бин Ладен, еден од синовите на убиениот водач на терористичката мрежа „Ал Каеда“, Осама бин Ладен. Оваа информација неофицијално беше објавена од страна на американските медиуми кон крајот на јули.

На прашањето за смртта на наследникот на лидерската позиција во „Ал Каеда“, Еспер не презентираше детали од операцијата за време на која бил убиен, пренесува „Хина“.

-Не ги знам деталите. Да ми беа познати, ќе ги споделев со вас- рече новиот шеф на Пентагон.

Американските медиуми објавија дека Хамза бин Ладен е убиен и дека САД учествувале во операцијата за негова ликвидација, но неговата смрт досега не беше официјално потврдена.