Додека група ултрабогати Американци потпишаа отворено писмо во кое бараат оданочување на најбогатиот дел од популацијата на САД, тврдејќи дека таквата мерка би ги зајакнала американската слобода и демократија, милијардерите од Европа не се огласуваат во врска со оваа тема, пренесува „Форбс“. 

Молкот на богатите Европејци не е изненадувачки, бидејќи европските даночни прописи се во нивна корист, па веројатно не би сакале да ги менуваат. Водечкиот фаворит за премиерската функција во Велика Британија, Борис Џонсон, предложи даночен план кој ќе биде во полза на богатите. Француската даночна стапка, исто така, се намали за најбогатите. Поранешниот претседател, Франсоа Оланд воведе данок за богастство од 75 отсто, што набргу беше поништен по одливот на капитал надвор од државата што го предизвика. Неговиот наследник, Емануел Макрон, веројатно нема да ја повтори неговата грешка.

Постојат назнаки за разгорување на т.н. „војна против богатството“ на Стариот континент, како што може да се забележи и според протестите на „жолтите елеци“ во Франција. Европските богаташи се свесни дека левичарската политика во Европа, која е во подем, цели кон штедливост. Тие не се осмелуваат да бараат повисоки даноци за нив, бидејќи стравуваат дека ќе ѝ угодат на левицата.

Џорџ Сорос, наследничката на Дизни, Абигејл Дизни, коосновачот на „Фејсбук“ Крис Хјуз и други ултрабогати Американци, го потпишаа писмото во кое се предлага „умерено“ оданочување на богатството на една десетина од најбогатиот еден процент (околу 75 илјади семејства од САД). Иницијативата ја поддржаа вкупно 18 претставници на 11 богати фамилии.