Сакам да зборувам за среќни работи, се побуни американскиот претседател Џо Бајден на почетокот од месецов кога беше запрашан од новинарите за повлекувањето на последните американски трупи од Авганистан кое се очекува да се спроведе во претстојните неколку недели. Не е ни чудно што Бајден сакаше да ја смени темата, бидејќи Америка 20 години се бореше во Авганистан, трошејќи над два трилиона долари на војната. Во тој период загуби илјадници војници, додека загинаа и десетици илјади војници и цивили од Авганистан. Сега САД ставаат крај на тажната авантура без да имаат резултати за покажување, пишува „Економист“ во написот „Американската војна во Авганистан завршува со тежок пораз“.

Ал каеда која ја поттикна војната преку планирање на нападите од 11 септември 2001 година, веќе не претставува сила во Авганистан, иако не е целосно згасната. Но, присутен се огранок на Исламската држава, додека талибанците прават застрашувачки камбек. Тие имаат потполна контрола врз околу половина од територијата на Авганистан и би можеле да го освојат и остатотокот од државата. Демократската прозападна влада поддржувана од САД е во повлекување.

– Талибанците и владата преговараат за примирје, според кое бунтовниците треба да го положат оружјето и да учествуваат во редизајнираниот политички систем. Во најдоброто можно сценарио, силната американска поддршка и притисокот од страните блиски на бунтовниците, како што е Пакистан, би можеле да резултатираат со своевиден облик на договор за поделба на власта. Но, дури и доколу се случи тоа, резултатот е поразителен. Талибанците ќе инсистираат на враќање во правец на бруталната теократија која беше наметната за време на нивното претходно владеење. Поголема е веројатноста дека талибанците ќе се обидат да ги искористат успесите на бојното поле да ја соборат со сила сегашната власт. Граѓанската војна веројатно ќе се засили додека талибанците вршат притисок, а владата се бори за опстанок – се наведува во анализата на британскиот магазин, во која се додава дека Кина, Индија, Иран, Русија и Пакистан ќе бараат прилика да го пополнат вакуумот во Авганистан создаден со повлекувањето на САД.

Повлекувањето на САД е катастрофа за народот на Авганистан. Во 2001 година многумина се надеваа дека Америка би можела да стави крај на тамошната 20-годишна граѓанска војна и да ги ослободи од загушувачката теократија. Во текот на извесен период изгледаше дека тоа би можело да се оствари. Но денес, Авганистанците се соочуваат со поголема неизвесност отколку кога било претходно. Америка никогаш не можеше да ги реши сите проблеми на Авганистан, но оставајќи ја државата во оваа состојба е отрезнувачки пораз, заклучува „Економист“.