Од Нова година американската воена морнарица го укинува казнувањето на морнарите со бродски притвор, кога тие добиваат само леб и вода.

Законот за укинување на казната е донесен во 2016 година, а стапува во сила на 1 јануари 2019 година. Според „Њујорк тајмс“ еден разорувач на американската Пацифичка флота минатата година го доби прекарот „Леб и вода“ поради честата примена на казната, дури и за најмали престапи.

Голем број морнари се среќни за укинувањето на казната, но останатите ја сметаат за брза и ефикасна мерка.

Капетанот Кевин Ајер, кој до пензионирањето во 2009 година редовно ја применувал казната, изјави дека таквата мерка служела „само понекогаш да ги преплаши децата“.

Но, и дел од офицерите истакнаа дека мерката е контрапродуктивна. Капетанот Скот Тејт изјави дека кога се приклучил на армијата мислел дека приказната за казната „на леб и вода“ е само шега на морнарите. Тој тврди дека никогаш не наредил таква казна.

– Доколку на некој млад морнар му е потребна воспитна мерка, наместо притвор, издавам наредба да напише текст за делата на писателите Патрик Хенри или Ајн Ранд. Некои луѓе мора да размислат за својот карактер и последиците од своите акции, но не сакам да има влијание на нивната работна биографија и да им бидат загрозени шансите за напредување во кариерата – посочи Ајер.

Притвор во потпалуба само на леб и вода, Американците го презеле од Британците, кои таквата пракса ја напуштија во 1891 година.