Американецот со албанско потекло Зулфи Хоџа (26) е идентификуван како еден од лидерите на Исламската држава (ИД), како резултат на двегодишна истрага која дава одговори и за неговата радикализација, пренесува магазинот „Атлантик“.

Хоџа е познат како виш командир и еден од водечките луѓе за регрутација во озлогласената терористичка организација, според собраните податоци. Синот на Албанец што поседува пицерија во Њу Џерси, ги напуштил САД на 6 април 2015 година, а веќе четири дена подоцна бил во тренинг-камп на ИД. Тој првично се поврзал со радикалните исламисти преку Интернет пред да замине во Сирија.

Шест месеци подоцна, Хоџа бил прикажан во ужасно видео во кое се обезглавени заробени курдски борци, според извештаите на повеќе безбедносни служби. На снимката, тој вели дека „испраќа порака кон Барак Обама“, пред да егзекутира еден од заробените Курди. Хоџа е забележан и во пропагандно видео на ИД од мај 2017 година. Тој ќе биде привиот Американец, член на ИД, кој учествувал во обезглавување, доколку биде потврден неговиот идентитет во понатамошната истрага.