Американецот Артур Ашкин, Канаѓанката Дона Стрикленд, како и Французинот Жерар Моро денеска се прогласени за добитници на Нобеловата награда за физика за своите достигнување на полето на ласерската физика, објави Шведската кралска академија на науките.

Артур Ашкин, кој има 96 години, со ова стана најстариот нобеловец во историјата. Тој поголем дел од кариерата ја мина во компанија за индустриско и научно истражување Бел Лабораторис, а и денеска работи во домашната лабораторија.

Дона Стрикленд, од канадскиот универзитет Ватерло, е трета жена во историјата со Нобел за физика.

-Мислев дека ги има повеќе – рече таа во првата реакција, при тоа додавајќи дека е почестена што е меѓу нив.

Академијата наведе дека Ашкин развил „оптички пинцети“ со кои можат да се фатат ситни честички како што се вирусите, а при тоа да не се оштетат.

Стрикленд и Моро помогнале во развивање кратки и интензивни ласерски импулси кои имаат широка индустриска и медицинска примена.