Нелегалното уништување на дождовните шуми на Амазонија, како и нелегалното рударство значително се зголемија додека вниманието на светот е насочено кон пандемијата предизвикана од ковид-19, покажуваат анализите на сателитските снимки направени од Европската вселенска агенција, пренесува Ен-би-си њуз.

Еколозите го обвинија бразилскиот претседател Жаир Болсонаро за тивкото, премолчено одобрување на уништувањето на шумите во Амазон. Поради критиките за неговото ракување со пандемијата, како и од тековните обвинувања за корупција, Болсонаро одговори со распоредување на вооружените сили за заштита на Амазон.

– Граѓаните се под карантин, властите се под карантин, но оние кои не се под карантин се криминалците, кои ја користат пандемијата за нивните нелегални активности – изјави Андре Гимареш, шеф на Институтот за истражување на животната средина на Амазон, непрофитна организација која се залага за зачувување на дождовните шуми.

Сечата на шумите во Амазон порасна за 55 отсто во првите четири месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, открива бразилскиот Национален институт за истражување на вселената. Уништувањето во април се зголеми за 64 отсто во однос на истиот месец пред една година. По избивањето на пандемијата, забележано е значително намалување на шумата во западната бразилска држава Рондонија. 

Споредбата на сателитските снимки помеѓу јануари и април покажува дека површината на исечената шума е со големина од 448 фудбалски игралишта. Сепак, Ен-би-си њуз не можеше да потврди дали на снимките станува збор за нелегална сеча. 

Коронавирусот, како и отпуштањата од страна на Болсонаро, се двете причини за потешкотиите и намалената работна сила во борбата против сечата на дождовните шуми според бразилскиот Институт за животна средина и обновливи природни ресурси (Ибама). 

Но, според Суели Араужо, која минатата година поднесе оставка на чело на Ибама во знак на протест против нападите на Болсонаро врз агенцијата, ваквата одлука ги потчинува агенциите за животна средина на армијата.

– Ставот на властите од 70-тите години на минатиот век во врска со Амазонија подразбира окупација придружена со деградација на животната средина – изјави Араужо. 

Бразилските власти не одговориле на барањата за интервју, а администрацијата на Болсонаро ги отфрли критиките, инсистирајќи дека е посветена на зачувување на дождовните шуми.

– Домородното население секојдневно испраќа пораки исполнети со двоен страв – од зараза и од инвазија на нивните домови. Криминалците мислат дека можат да се извлечат без последици, бидејќи светското внимание е насочено кон епидемијата од коронавирусот. Домородните народи тешко се справуваат со новонастанатата ситуација – изјави Сара Шенкер, истражувачка за „Срвајвал интернешнал“, организација која се бори за заштита на домородните луѓе. 

Активистите исто така се плашат од претстојната сезона на пожари, која се предвидува да биде уште повеќе погубна од минатогодишната поради неконтролираното уништување на шумите, како и од влијанието врз здравствениот систем што веќе е преоптоварен од коронавирусот.

– Минатата година беше критично. Оваа година ќе биде уште полошо. Треба да се бориме за зачувување на амазонските шуми денес. Доколку тоа го направиме утре, би било предоцна – вели Гимареш.