Булар била задевана од врсниците поради исламската облека

Сафа Булар (18) тврди дека имала несреќен живот, поминувајќи низ тежок период во текот на тинејџерските години, кога била задевана од нејзините врсници во Лондон поради традиционалната исламска облека. Таа се заинтересирала за тероризмот по нападите во Париз во 2015 година, по што преку Твитер се запознала со Ум Иса ал-Амраки од Сирија, од која била врбувана, за потоа да стекне стотици контакти од Исламската држава (ИД), пишува британски „Гардијан“.

Булар имала 16 години кога се запознала со британскиот борец на ИД Навид Хусаин (32), преку Инстаграм, со кого потоа стапила во брак преку интернет-церемонија. Полицијата ја спречила тинејџерката да отпатува во Сирија за да го посети сопругот во август 2016 година, по што таа почнала да планира терористички напади. 

Тоа доведе до нејзиното апсење, со што Булар стана една од најмладите осуденички за тероризам во Велика Британија, поради водечката улога во првата потполно женска терористичка ќелија поврзана со ИД во Обединетото Кралство.

Сафа Булар прикажана на скица од судењето

Девојката ги негираше обвинувањата според кои таа планирала да патува во Сирија и подготвувала терористички напади на лондонските знаменитости, заедно со нејзината мајка и сестра. Но, обвинителството докажа дека тие комуницирале преку шифри инспирирани од познатата детска книга „Алиса во земјата на чудата“. Нејзината мајка Мина Дич (44) и сестра Ризлејн Булар (22), како и познаничката Кавла Баргути (21), признаа дека се виновни за тероризам, по тајната операција на британските безбедносни служби која доведе до нивно откривање.

Сопругот на Булар, Хусаин, бил намамен од британските тајни агенти во откривање на плановите, пред да биде убиен од дрон во Сирија. Британските служби потоа ја контактирале Булар, по што и таа ги потврдила нивните планови, што доведе до апсењето, во април минатата година.

Навид Хусаин

Булар покажала каење во текот на годината помината во притвор, кажувајќи дека „тоа што се случува на Интернет не е вистина“, како и дека повторно сака да носи западна облека. Таа и нејзиното семејство допрва го очекуваат изрекувањето на казните.