Неодамна му бев гостинка на француското семејство Бегон. Во нивниот просторен староградски стан во резиденецијалниот кварт на францускиот град Лил, покрај брачната двојка Алиса и Кристоф, живеат и три тинејџери, бебето Мадлен и кученцето Коко. Уживав во нивните семејни вечери; кога Кристоф се враќаше дома од Париз, каде што работи, целото семејство се собираше околу масата и ги прераскажуваше најважните случки во денот, со домашно приготвена паштета од црн дроб од гуска и десерт од најдобрата градска слаткарница „Мерт“. Тие неколку дена поминати кај Бегонови ми останаа во толку убаво сеќавање, што потоа со недели ги истакнував како пример за нормално семејство, а нивните пристојни, зборлести и умни тинејџери како сон на секој родител.

Можевте да го замислите моето изненадување кога таткото Кристоф, за време на средбата во Париз минатата недела, ми раскажа дека три од четирите деца во куќата имаат проблем со депресија, поради што двапати неделно посетуваат психотерапевт. Преубавата 17-годишна Селин страда од нарушување во исхраната, нејзиниот две години помлад брат е апатичен, а полубратот Винсент има проблеми со несоница. Во таа куќа се среќни единствено бебето Мадлен, која деновиве ќе наполни една година, и кученцето Коко.

Речиси во исто време, 13-годишната ќерка на мојата сосетка од Лондон, симпатичната Елена, почна да оди на интензивна терапија кај познат психотерапевт, специјалист за тинејџери, во една од скапите ординации на улицата Харли. Го препорача нашиот заеднички пријател Џеси, чија 18-годишна ќерка Џули веќе со години оди таму на сеанси. Додека слушав за проблемите што ги имаат со своите тинејџери, заклучив дека можеби е вистинита старата поговорка „мали деца, мали грижи…“

Бидејќи и како мајка и како новинарка се заинтересирав за оваа тема, дојдов до сознание дека таа е многу подлабока одошто очекував: во Обединетото Кралство дури 10 проценти од децата на возраст од 5 до 16 години страдаат од некаков вид ментално нарушување. Најчесто се работи за депресија, анксиозност, нарушувања во исхраната и самоповредување – практика што е детектирана дури кај стотина илјади британски 14-годишници. Податоците за пораст на менталните заболувања кај тинејџерите и децата, дури 38 проценти во последниве четири години, станаа толку алармантни, што Владата, во целата збрка што произлезе од брегзит, направи посебна ставка во буџетот за справување со овој проблем. Отсега секое училиште во земјата ќе има свој тим составен од стручни лица за ментални болести, кој ќе им биде постојано на располагање на учениците.

Неблагодарно е да се коментираат причините поради кои се несреќни децата и младината. Дали навистина се работи за генерација нежни снегулки, како што на шега ја нарекуваат денешнава младина, која е многу почувствителна отколку тинејџерите од минатото, иако добива многу повеќе внимание, љубов и можности?

Кој од нас не се сеќава на сопствените падови во расположението во оние чудни денови на метаморфоза од дете во возрасна личност? Скришното плачење на музиката на „Дорс“ заради чувството на невидливост, несфатеност и општа безнадежност, кое исчезнуваше веднаш по првата покана на забава или погледот на најпопуларното момче во училиштето за време на одморот?

Но кога слушам за Елена и нејзините хистерични напади врз родителите, кои ги нарекува хомофоби за време на семејните дружења, или пак за Анри од Лил, кој за време на целиот десетдневен училиштен одмор не излегол од собата заради недостиг од волја за живот, сфаќам дека е невозможна споредбата помеѓу она што им се случува на денешниве млади и она што ни се случувало нам некогаш.

Од сите точки што се наведуваат како причини за несреќната младина, најосновано научно гледиште е она на британската група лекари, во кое се предупредува дека социјалните мрежи имаат исклучително негативно влијание врз менталното здравје. Британскиот институт за јавно здравје спроведе истрага за влијанието на петте најпопуларни социјални мрежи врз младите на возраст од 11 и 25 години. Резултатите оставаат малку простор за сомнеж: кај седум од десет испитаници се покажува дека Инстаграм создава лошо мислење за сопственото тело, а кај повеќе од половината испитаници Фејсбук предизвикува чувство на анксиозност. Две третини од испитаниците изјавиле дека поради Фејсбук имаат чувство дека се прогонувани.

Ова е само почеток. Иако сѐ уште не постојат проверени податоци, се претпоставува дека огромен процент деца и млади се зависници од социјалните мрежи или од видеоигри. Британската психијатарка Луис Теодосиу тврди дека и самите сеанси со децата станале проблематични, зашто постојано се прекинувани со нивните зачестени погледи кон мобилните телефони. Се согласувам, фрлањето на целата вина врз Фејсбук во однос на менталните болести претставува поедноставување на комплексната структура на човековиот мозок и емоции. Но мора да се тргне од некаде.

Факт е дека за многу млади она што се случува зад екранот е поблиску до стварноста од нивното реално опкружување. Дури и „вистинските“ пријатели се прикажани низ филтерот на Инстаграм, кој нуди не само подобри фотографии туку и подобар живот.

Летово на гости на море ни дојдоа две француски тинејџерки. Во текот на една недела, колку што престојуваа кај нас, интеракцијата беше толку минимална што паметам само дека Викторија еднаш ми го побара вифи-пасвордот, а Мелиса ме праша каде може да најде уште малку млеко. Ми беше жал за нив, зашто изгледаше дека им е бескрајно здодевно, онака како што може да биде здодевно за тинејџерки што гостуваат во дом каде што сѐ е фокусирано на дневниот распоред на малите деца.

Поголемиот дел од денот беа затворени во собата; по појадокот, околу 13 часот одеа на плажа, каде што главно си позираа меѓусебно за убави фотографии, а навечер скришно си разговараа во собата, често прснувајќи во гласно смеење. Неколку дена по нивното враќање во Париз, ги видов сликите од кај нас на Инстаграм.
Со еден куп хаштагови, вклучувајќи го и #bestsummerever (најдоброто лето досега), најпосле добив увид за нивното лето во мојата куќа: како се сончаат на терасата, како експериментираат со шминката во бањата, на плажата, на шеталиштето, на брегот…, со широки насмевки и лица на кои нема никакви траги од здодевност.
Ми олесна, она што мене ми изгледаше како денови исполнети со здодевност и празнина, за девојките всушност било #bestsummerever, уредно документирано на Инстаграм.

Ана Мухар, „Јутарњи лист“

Фото: Маја Јаневска-Илиева