Екстремните врнежи од дожд што предизвикаа смртоносни поплави низ Западна Европа сѐ уште се алармантни за повеќе земји низ Стариот Континент. Имено, метеоролозите предупредуваат дека врнежите во Германија и во Австрија, кои ги предизвика поплавите во овие земји, може да влијаат и на Словачка, Белгија, Холандија и други земји во Унијата.
Како што пренесуваат западните медиуми, нивото на Дунав во наредниве денови може да се искачи за 2,5 метри во Словачка, според последните податоци на страницата „Иметео.ск“, која ја следи состојбата на реките. Словачкиот хидрометеоролошки институт (ШМУ) во неделата издаде предупредување за можни силни бури низ Словачка, каде што може да падне големо количество дожд.
– Како резултат на обилните дождови што паднаа претходните денови во Германија и во Австрија по должината на Дунав, очекуваме значително зголемување на водостојот во словачкиот тек на Дунав – велат метеоролозите. Во меѓувреме, научниците тврдат дека климатските промени ќе доведат до поголеми врнежи од дожд. Но утврдувањето на нивната улога во минатонеделните катастрофални врнежи, според експертите, ќе трае најмалку уште неколку недели.
– Поплави секогаш се случуваат, и тие се како случајни настани, како тркалање коцки. Но ние ги сменивме условите за тркалање коцки – вели Ралф Туми, климатски научник од колеџот „Империјал“ во Лондон.
Во исто време, бројот на загинати и исчезнати од минатонеделните поплави во Западна Европа од ден на ден расте, додека материјалната штета од потопите се проценува на неколку милијарди евра. Засега сѐ уште е критично во австриските покраини што граничат со Германија, Салцбург и Тирол. Поројни дождови го погодија и југот на Италија, каде што улиците се претворија во реки. Инаку, во повеќе европски земји, покрај спасувачките служби, во спасувањето и евакуација на населението во погодените места се вклучени и армиите.