Илјадници активисти за заштита на животната средина денеска излегоа на улиците на Катовице во Полска, каде што се одржува конференцијата за климата на ОН.

Под мотото „Марш за климата: Разбуди се, време е да го спасиме нашиот дом!” околу 2.000 поддржувачи на заштитата на климата маршираа низ јужниот полски град.

Организаторите, кои вклучуваат неколку групи за заштита на животната средина, соопштија дека на настанот учествувале 4.000 луѓе, додека локалната полиција процени дека имало две илјади учесници.

Претставници на речиси сите земји во светот во моментов учествуваат на Конференцијата на ОН за климатските промени (COP24) во Катовице и дискутираат за правилата за спроведување на Парискиот договор за климата.