По иницијатива на Кина, петнаесет азиско-пацифички земји го формираа најголемиот трговски сојуз во светот РЦЕП. Економскиот договор предвидува намалување и укинување на царините меѓу земјите во тој дел од светот, поголема трговска слобода, но и шанса за заеднички план за брзо стопанско закрепнување од пандемијата на коронавирусот.

Триесет отсто од светската економија во новоформираниот Економски сојуз за слободна трговија (РЦЕП)

Речиси по нешто повеќе од осум години преговори, петнаесет азиско-пацифички земји го формираа најголемиот глобален договор за слободна трговија РЦЕП. Регионалниот сеопфатен економски гигант, кој е основан по иницијатива на Пекинг, како одговор на пропаѓањето на Транспацифичкиот трговски договор (ТТП), покрај Кина, опфаќа десет држави-членки на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), но и Јужна Кореја, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд. Како што пренесуваат светските новински агенции, целта на сеопфатното регионално економско партнерство ќе биде намалување и укинување на царините меѓу земјите во тој дел од светот, поголема трговска слобода, но и шанса за заеднички план на овие држави за брзо стопанско закрепнување од пандемијата на коронавирусот. Договорот засега ги исклучува Соединетите Американски Држави, кои се повлекоа од ривалскиот азиско-пацифички пакт уште во 2017 година, а ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат доволен број држави, во наредните две години.
– Со задоволство можам да кажам дека по осум години напорна работа, заклучно со денес, официјално ги доведовме до потпишување преговорите за РЦЕП – рече виетнамскиот премиер Нгујен Ксуан Фук за време на потпишувањето на копиите од договорот пред камерите на виртуелниот самит. Кинескиот премиер Ли Кечијанг, кој за време на церемонијата го опиша договорот како „победа за мултилатерализмот и слободната трговија“, додаде дека во сегашните глобални околности, фактот дека РЦЕП е потпишан по осум години преговори носи зрак светлина и надеж среде облаци.

Соработка наместо конфронтација

Во меѓувреме, аналитичарите веднаш излегоа со свои видувања за економското обединување на Азија. Некои од експертите велат дека договорот претставува голем чекор напред кон економска интеграција на регионот, особено за време на пандемијата, која ќе го намали американското влијание таму откако претседателот Доналд Трамп се повлече од транспацифичкото партнерство, кое претставуваше уште еден голем регионален трковски пакт.
Економскиот аналитичар Мартин Фриц за германски „Дојче Веле“ објаснува дека за разлика од САД, азиските соседи на Кина ја прифаќаат оваа претстојна промена на моќ на континентот. Тие, според економскиот експерт, размислуваат долгорочно и оттука нова студена војна не е реална опција за нив.
– Со учеството во РЦЕП, земјите-потписнички на договорот профитираат од растечката економска сила на Кина, а не мора да стравуваат дека за неколку децении ќе станат вазали на Пекинг. Јужна Кореја и Јапонија имаат добра практика во одржување интензивни економски односи со Кина, од една страна, и одржување политичка дистанца, од друга страна – вели Фриц.
Според него, азиските земји сега препознаваат дека Кина вторпат ја спасува глобалната економија преку огромна инвестициска програма по глобалната финансиска криза во 2009 година и, наместо да го изолираат Пекинг, тие се решаваат за дијалог.

Пекинг регионален лидер

Инаку, новиот блок за слободна трговија ќе биде поголем и од договорот меѓу САД, Мексико и Канада и Европската Унија. Тој во исто време ќе биде значаен, бидејќи ривалите, како Кина, Јапонија и Јужна Кореја, првпат потпишаа заеднички трговски договор. Понатаму, она што се наведува во медиумите за РЦЕП е тоа што тој може дополнително да го зајакне влијанието на Пекинг во Азија, давајќи му подобра позиција да ги обликува трговските правила на овој дел од светот. Според најавите, договорот ќе опфати речиси 30 отсто од светската економија и ќе се однесува на 2,2 милијарди потрошувачи.
Интересно е што потпишувањето на договорот за економско партнерство на средбата во виетнамската престолнина Ханој се случува три години по пропаѓањето на Транспацифичкиот трговски договор, кој беше еден од најголемите успеси на поранешната администрација на Барак Обама. Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа на првиот ден од својот мандат, тој излезе од договорот што, ако стапеше во сила, ќе опфатеше речиси третина од светската трговска размена. Останува да се види дали по стапувањето на функција на новиот претседател на Америка, Џо Бајден, во јануари следната година, Америка ќе се сврти кон овој најголем трговски сојуз во светот. Од она што е познато, засега е дека новата администрација на демократот Бајден најави дека ќе се обиде да ги подобри односите со Кина, по заострувањето на трговската војна, која за време на целиот четиригодишен мандат ја водеше Трамп.