На аеродромот во Хонгконг вечерва дојде до нови судири меѓу демонстрантите и полицијата. Безбедносните сили влегоа на терминалот, каде поради протестите е оневозможена работата на овој фрекфентен аеродром веќе два дена.

Полицијата употреби солзавец во обид да ги растера демонстрантите кои го блокираа влезот на терминалот со колички за багаж. Демонстрантите пак, фатија две лица под сомнение дека се тајни агенти. Со помош на возило на Брзата помош, наводните агенти беа извлечени од аеродромската зграда.

Во текот на денот, кус период се одвиваа летови, за потоа повторно да бидат откажани сите полетувања. Претседателката на извршната власт на Хонгконг, Кери Лам, предупреди дека демонстрантите тргнале по пат од кој „нема враќање“.

Европската Унија ги повика сите инволвирани страни да покажат воздржаност, во услови на растечки тензии и немири во градот.

Демонстрантите, кои неколку дена го окупираат аеродромот во Хонгконг, поради што од вчера откажани се сите летови од него. Голем број меѓународни патници се заглавени на аеродромот во Хонгконг поради протестите.