Заменик-директорката на Централниот комитет на владејачката Корејска работничка партија, Ким Јо-јонг, која е и сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, вчера упати остри критики кон Јужна Кореја и нејзиниот сојузник САД, поради нивната одлука да спроведат заеднички воени вежби кои би го дестабилизирале регионот, пренесува „Њузвик“.

Изјавата беше упатена во пресрет на посетата на американскиот државниот секретар Антони Блинкен и секретарот за одбрана, Лојд Остин, на Корејскиот Полуостров и одржувањето средби со нивните колеги од Јужна Кореја. Ова е прва изјава на Северна Кореја откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата во јануари.

Иако вежбите беа спроведени во виртуелен формат наместо преку теренски маневри, тие беа доволни за Ким Јо-Јонг да изјави дека Северна Кореја не е импресионирана од напорите за сериозно нарушување на кревкиот мир во регионот.

– Се чини дека тие се способни да се справат со последиците што може да ги предизвика воената вежба започната и покрај нашето барање и сите едногласни протести и осуди кон сонародниците. Тие велат дека вежбата не вклучува вистински маневри. Можеби тие очекуваат „флексибилна проценка“ и „разбирање“ од наша страна, но тоа би било навистина смешно и глупаво – стои во изјавата пренесена од официјалната Корејска централна новинска агенција.

Ким подоцна го сврте вниманието и кон администрацијата на Бајден, која најави ново прегледување на обидите за приближување на поранешниот претседател Доналд Трамп со озлогласената нуклеарно-вооружена држава. Вашингтон и Пјонгјанг остварија досега невидени дипломатски интеракции, вклучително и нивните први разговори на највисоко ниво и позитивна размена, но на крајот не успеаја да постигнат договор за денуклеаризација и односите меѓу двете земји повторно оладија.

– Ја користиме оваа можност да ја предупредиме новата администрација на САД. Доколку сака мирно да спие во наредните четири години, подобро е да се воздржи од предизвикување недоверба уште во својот прв чекор – рече таа.

Вашингтон и Пјонгјанг немаа никаков директен дијалог повеќе од една година. Бајден во минатото беше критички настроен кон начинот на кој администрацијата на Трамп ѝ се приближуваше на Северна Кореја, особено неговите интеракции со Ким Јонг-ун. Набргу по стапувањето на должност, Бајден се обиде да оствари контакт со Северна Кореја преку Обединетите нации, но без резултат.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин рече дека ќе продолжи да ги поддржува напорите за помирување на двете Кореи и изрази надеж дека администрацијата на Бајден ќе помогне во овој потфат.

– Секоја акција си има своја последица. Воената вежба и непријателството никогаш не можат да одат рака под рака со дијалог и соработка – предупреди Ким, заканувајќи се дека ќе го распушти Комитетот за мирно обединување поради очигледниот недостаток на обострана добра волја, ќе ги распушти Меѓународното биро за туризам во Кумганган и другите кревки и одвај преживеани организации за соработка на двете земји.

Во нејзината изјава, таа спомена и потенцијално укинување на воениот договор потпишан меѓу Сеул и Пјонгјанг во 2018 година.