Додека Европа е во состојба на готовност откако осомничени исламистички милитанти во последните неколку недели убија осум лица во Франција и во Австрија, автомобил со слогани испишани на страните влета во портата на канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел во Берлин. Берлинската полиција веднаш реагираше и кратко информира дека возачот бил приведен, притоа не соопштувајќи дали станува збор за терористички напад. Како што пренесуваат агенциите, снимките од инцидентот споделени на социјалните мрежи покажале дека полицајците прегледувале автомобил пред портата со натписи „Стоп за глобализациската политика“ од едната страна и „Вие проклети убијци на деца и стари лица“ од друга. Во меѓувреме, како што јавуваат локалните медиуми, не било јасно дали Меркел била во зградата за време на инцидентот. Таа, според најавите, вчера требаше да одржи видеоконференција со премиерите на 16-те покраини на Германија, на која се очекуваше да разговара за одговорот на нацијата кон пандемијата на коронавирусот.