Германската полиција денеска соопшти дека 52 лица, меѓу кои и 18 деца, се повредени кога маж со автомобил влета во карневалска поворка во градот Фолкмарсен, во западна Германија, објави порталoт „Хесеншау“.

Пријавено е дека 35 лица се потешко, а 17 полесно повредени. Инцидентот се случи вчера и ја шокира германската јавност, во чија колективна меморија сè уште е свежо пукањето во Ханау. Возачот веднаш бил уапсен.

– Што се случува во нашата земја? – со ова прашање осамна насловната страница на весникот „Билд“.

Овој весник и други медиуми известија дека 29-годишниот Германец, уапсен под сомнение за обид за убиство, вчера не бил во можност да биде сослушан од полицијата бидејќи се здобил со повреда на главата.

– Досега нема индикации дека станува збор за политички мотивиран деликт – цитираше „Билд“ изјава од извор вклучен во истрагата.

Сепак се верува дека 29-годишникот постапил намерно и дека во овој чин удел имале и психолошки проблеми. Некои медиуми известија дека се верува оти возачот бил под дејство на алкохол, па дури и дрога, но полицијата досега не ги потврдила овие информации.