Австриските власти најавија дека ќе ги затворат сите џамии кои промовираат радикален ислам, објави австриската новинска агенција АПА.

Министрите за внатрешни работи и интеграција најавија затворање на т.н. „радикални џамии“ по смртоносниот терористички напад кој џихадист го изврши во понеделникот во Виена. Во нападот загинаа четири лица.

Одлуката за затворање на џамиите кои проповедаат радикална верзија на исламот е донесена по состанокот со претседателот на Исламската заедница, Умит Вурал.

Се доведува во прашање и правниот статус и се разговара за распуштање на некои исламистички здруженија.

Според австрискиот „Дер Стандард“, во Виена ќе биде затворена една џамија, но не онаа што ја посетувал осомничениот терорист Кујтим Фејзулаи убиен за време на нападот во Виена. Сепак, на таа џамија ќе и биде укинат правниот статус.

Во Австрија има околу 350 џамии кои работат во рамките на австриската Исламска заедница.

Деталите за затворањето на џамиите ќе бидат објавени на прес-конференција, јави АПА.