Австрија од денеска го презеде претседавањето со ЕУ, а прашањето за миграцијата е врвен приоритет на администрацијата на канцеларот Себастијан Курц. 

Мотото на австриското претседателство е „Европа која ги штити”. Ова е третпат Виена да е на раководната позиција на ЕУ. 

Освен миграцијата, на листата на приоритети се и преговори за Буџетот на ЕУ и проширувањето на Унијата на Западен Балкан. 

Аналитичарите проценуваат дека ќе биде тешко да се постигнат конкретни резултати, делумно поради почетокот на кампањата за европските избори следната година, но, исто така, и поради застојот во преговорите за Брегзит. 

Австриското претседателство на ЕУ на својата интернет- страница  повика првенствено на безбедноста, истакнувајќи дека зајакнати граници помагаат во борбата против илегалната миграција. 

Втор голем предизвик пред Австрија е напредокот околу преговорите за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година. 

Курц во текот на неделата ја повтори својата позиција дека е можно да се постигне договор пред изборите за Европскиот парламент. 

Австрија сака и поголема интеграција на Западен Балкан во Унијата. 

– Овој регион е дел од Европа по прашањата за економската и безбедносната политика, а се покажа како сигурен партнер за време на миграциската криза – се вели во соопштението на администрација од Виена.