Од 1 март во Австрија стапува во сила законот за забранети симболи, меѓу кои се и усташките симболи, и за нивната употреба е предвидена висока парична казна. Министерството за надворешни работи состави список со забранети исламистички и националистички симболи.

На листата се 13 знамиња и симболи на Муслиманско братство и Хамас, како и воениот дел на Хезболах, турските „Сиви волци“, курдската ПКК и хрватските усташи. На списокот се усташките симболи поради комеморациите во Блајбург, кое во последните години станува најголем нацистички собир во Европа. Од претходно на списокот се симболите на терористичките Исламска држава и Ал Каеда, како и сите нацистички симболи.

Со новата уредба се предвидуваат казни до 4.000 евра, а доколку повторно се користи, казната достигнува и 10.000 евра.

Од забраната за користење на симболите посочени на списокот се изземаат медиумските извештаи, филмовите, театарските претстави и изложби доколку е јасно оти не ја пропагираат идеологијата која стои зад тие симболи.