Двата најпопуларни сајта во Австрија „Oe24.at“ и „Krone.at“ трпат жестоки критики поради начинот на кој известувале за терористичките напади во Виена.

Критиките посебно се однесуваат на видеоклиповите од нападот и фотографиите на кои се гледаат повредени и починати луѓе.

После неколку часа од објавувањето стигнале околу 700 тужби до Новинарскиот синдикат.

Граѓаните на Твитер барале од компаниите што се рекламираат на овие сајтови веднаш да прекинат со соработката. Прв одговорил синџирот на супермаркети „Била“, од каде што соопштиле дека веднаш ќе прекинат со рекламирање на двата сајта. Истата одлука наскоро ја донеле и „Шарп“ и „Хервис“.

Од „Шарп“ велат дека со овој гест сакаат да испратат јасна порака до уредниците на овие медиуми.

Уредникот на „oe24.tv“, Волфганг Фелнер рекол дека се претерува во реакцијата, дека снимките можеле да се видат секаде на интернет, како и дека тие сториле сè што е потребно за да ја заштитат приватноста на граѓаните.

Главниот уредник на „Krone.at“, Клаус Херман, изјавил дека со објавените клипови сакале да ја потенцираат опасноста во која се наоѓа Австрија.

Новинарскиот синдикат бара одговорност за медиумите што ги надминуваат етичките граници. Воајеризмот нема место во сериозното новинарство. Новинарскиот синдикат повикува на „повлекување на парите на даночните обврзници за вакви медиумски известувања“.

Здружението на австриски новинари за медиуми, исто така, ги осуди објавените фотографии и видеа.

– Овој облик на новинарство е неодговорен и одвратен. Таквите публикации, не само што се косат со кодексот на честа на новинарите, туку тие мора да сносат и правни последици, бидејќи снимките на кои може да се идентификуваат жртвите не е дозволено со законот за медиуми – велат од Здружението на австриски новинари за медиуми.