Австриската министерка за труд Кристин Ашбахер поднесе оставка по обвинувањата дека се плагијат дел од нејзините универзитетски трудови. Таа ги негира таквите обвинувања, но вели дека оставка поднесува за да го заштити семејството.

– За жал, непријателството, политичките немири и навредите се манифестираат не само врз мене, туку и врз моите деца, и со неподнослив интензитет – истакна таа, додавајќи дека не може да дозволи ова да продолжи.

„Од таа причина, јас се повлекувам“, додаде таа.

Канцеларот Себастијан Курц и се заблагодари на Ашбахер за нејзината работа и рече дека нејзиниот наследник ќе биде назначен во понеделник.

Оставката следи откако добро познатиот ловџија на плагијати Стефан Вебер се посомнева во веродостојноста на дипломската работа на министерката за економија на Австрија, Кристина Ашбахер. На својата веб-страница Вебер напиша дека Ашбахер го привлекла неговото внимание поради лошото изразување на германски јазик, па затоа решил да ја провери нејзината дипломска работа.

Откако ја анализирал работата што Ашбахер ја доставила до стручното училиште во Винернојштат, тој изјави дека е под сите научни стандарди. Тој цитира и неколку делови од делото, кои, како што тврди, покажуваат огромни јазични недостатоци. Вебер исто така тврди дека министерката „копирала цели делови“, а нејзината хипотеза била „плагијат“.

Вебер го привлече вниманието на јавноста со обвинувања за плагијат на дела на неколку австриски познати личности, како што се сегашниот европски комесар Јоханес Хан или поранешниот министер Томас Дрозд, а во случајот на политичарот Кристијан Бухман, овие обвинувања доведоа до одземање на неговиот докторат.

Дневниот весник „Клајн Цајтунг“ објави делови од работата на министерката Ашбахер, во кои таа преведе статија од американското списание „Форбс“. Високата школа во Винернојштад, како што беше соопштено за дневниот весник „Стандард“, ќе ја провери дипломската работа на Ашбахер, а доколку се заклучи дека е плагијат, тогаш ќе и биде одземена магистратурата. Ако тоа се случи, тоа ќе има последици за докторската диплома што Ашбахер ја стекна во Братислава минатата година.