Министерот за одбрана на Австрија, Томас Штарлингер, предупреди дека војската повеќе не е во состојба да ги штити граѓаните. Ова следува шест недели откако тој предизвика жестоки реакции во јавноста со предлогот да се укине прикажувањето на Војската на Австрија на Денот на државноста на 26 октомври, поради недостаток на средства.

Министерот укажа дека војската сега не може да се одбрани од сајбер напади, како и дека повеќе не е можна далекусежна заштита на критичните инфраструктури. Тој проценува дека војската за година и половина нема да биде во состојба да ги плаќа сметките.

Штарлингер објасни дека војската можеби може да заштити само еден од 256 критични објекти.

Кога станува збор за кибер-нападите, војската сега нема веќе никаква заштита, а во случај на намерен прекин на снабдувањето со електрична енергија и касарните ќе бидат во мрак имајќи предвид дека тие повеќе не се одвоени од цивилното снабдување. Со оглед на тоа дека војската нема ни свои бензински пумпи тие би биле, како што предупредува министерот, парализирани.

Што се однесува до воздушната одбрана, Штарлингер вели дека ако некој сака нелегално да прелета над Австрија треба само да чека да се стемни, затоа што тогаш нема речиси никаков надзор на воздушниот простор.

Тој предлага и враќање на стариот систем за служење војска. Во извештајот „Наша армија 2030“ ќе предложи воениот рок повторно да се врати на осум од сегашните шест месеци.