Австралиската влада нагласи дека не е „засегната страна“ во судскиот случај на Џулијан Асанж кој се соочува со екстрадиција во САД и оти ќе го почитува британскиот правен процес, каде што му се суди на австралискиот новинар обвинет за шпионажа, вклучувајќи ги и евентуалните жалби на пресудата. Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, исто така им нанесе удар на надежите на правниот тим на Асанж за одобрување на азил за нивниот клиент од страна на нејзината држава. Одговарајќи на прашањето дали Нов Зеланд би можел да ја разгледа таквата можност, Ардерн одговорила со одречно – не, пренесуваат светските медиуми.

Се очекува правниот тим на основачот на „Викиликс“ да поднесе жалба на одлуката на Високиот суд во Лондон кој во петокот одлучи оти Асанж би можел да биде екстрадиран во САД. Загриженост поради пресудата изразија и бројни медиумски и здруженија за заштита на човековите права истакнувајќи дека судската одлука претставува опасен преседан.

Австралиската влада беше повикана да заземе став за случајот, со што австралискиот пратеник Ендрју Вилки апелираше до премиерот Скот Морисон да „стави крај на лудилото“ и да побара ослободување од Асанж од САД и од Велика Британија. Се наведува и оти пресудата отвора можност британската министерка за внатрешни работи Прити Пател да одлучи дали Асанж треба да биде екстрадиран. На ваквиот повик се придружија и други претставници од австралиската политичка сцена.

– Останува на господинот Асанж да одлучи како ќе одговори на одлуката на Високиот суд. Австралија не е засегната страна во случајот – соопшти австралиската влада.

Свршеницата на Асанж, Стела Морис, во изјава за медиумите истакна дека Асанж страда како „животно затворено во кафез во зоолошка градина“, тврдејќи дека претрпел и благ мозочен удар во затвор, во октомври, како последица на екстремен стрес.

САД го товарат 50-годишниот Асанж за 18 точки од обвиниението, за откривање на 500.000 доверливи документи во 2010 година. Станува збор за доверливи документи кои детално ги опишуваат американските воени операции во Авганистан и Ирак. Ова е првпат во историјата на САД еден новинар да биде обвинет според законот за шпионажа за објавување на точни информации. Ако биде екстрадиран, Асанж ќе оди на судење и би можел да добие до 175 години казна затвор, што е еднакво на доживотна казна.