Неидентификуван Австралиец денеска со џип удрил во автомобил на сиднејската полиција, грабнал комби и такси возило, налетал на други автомобили и со нож ранил случаен минувач, по што извршил самоубиство пред полицајците.

Драматичниот настан, за кој полицијата вели дека нема врска со тероризам, почнал откако полицајците се обиделе да застанат џип кој немал регистарски таблички.

Возачот (24) на џипот тогаш удрил во полициското возило, потоа грабнал возило за достава на стока од супермаркетот во близина и се возел низ градот околу 20 километри, притоа удирајќи повеќе возила по пат. Се обидел да украде уште едно возило, при што со нож прободел минувач кој се обидел да го спречи, пред да украде такси возило.

Полицијата успеала да го застане и се обидела да го онеспособи со електрошок, но тој сам се прободел со нож во градите и починал на самото место.

– Напаѓачот не се обидувал намерно да им наштети на луѓето. Тој се обиде да направи се за да избегне апсење, а неговите постапки се типични за личност за која полицијата верува дека имала ментални здравствени проблеми, изјави помошник комесарот на полицијата Мик Фицџералд.

Тој рече дека напаѓачот и бил познат на полицијата, но дека немал некое значајно криминално минато.

Полицијата не го откри идентитетот на напаѓачот, ниту, пак, соопшти детали за инцидентот.